4. Тој влева смиреност во срцата на верниците за верувањето свое уште повеќе да го зголемат, а војските на небесата и на Земјата се Аллахови; Аллах сè знае и Мудар е –
5. за да ги воведе верниците и верничките во Џенетските градини низ кои реки течат, во кои вечно ќе престојуваат, и за да ги прекрие нивните лоши дела – а тоа кај Аллах е голем успех,
6. и за да ги казни лицемерите и лицемерките, и многубошците и многубошките, коишто за Аллах зло мислат – злото нека нив ги снајде! Аллах на нив се налути и ги проколна и им го подготви Џехенемот, а тој е грозно престојувалиште!
10. Тие што тебе ти се заколнаа на верност – Му се заколнаа, навистина, на верност на самиот Аллах – Аллаховата рака е над рацете нивни! Тој што ќе ја прекрши заклетвата, на своја штета ја крши, а кој ќе го исполни тоа за што се обврзал кај Аллах, Тој ќе му даде голема награда.
11. Бедуините коишто изостанаа ќе ти зборуваат: „Нè задржаа стадата наши и семејствата наши, па замоли прошка за нас!“ Тие со јазиците свои го зборуваат тоа што не е во срцата нивни. Кажи: „Па кој може да ја промени Аллаховата одлука ако Тој сака да ви наштети, или ако сака некакво добро да ви направи?“ Напротив! Аллах добро го знае тоа што го правите.
12. Вие мислевте дека Пратеникот и верниците нема никогаш да се вратат кај своите семејства; вашите срца беа задоволни поради тоа и вие на најлошото помислувавте, вие сте расипан народ.
15. Тие што изостанаа, кога ќе појдете пленот да го земете, сигурно ќе кажат: „Пуштете нè и нас да ве следиме!“ Тие сакаат да го изменат Аллаховиот говор. Кажи: „Вие нема да нè следите, тоа уште претходно Аллах го кажа!“, а тие ќе кажат: „Не е така, туку вие нам ни завидувате.“ А не е ни тоа, туку тие малку разбираат.
16. Кажи им на бедуините кои изостанаа: „Ќе бидете повикани против народ со жестока сила да се борите, или исламот ќе го примат. Па ако сте покорни, Аллах убава награда ќе ви даде, а ако одбегнете, како и досега што одбегнувавте, ќе ве казни со болна казна.“
17. Не е грешен ниту слепиот, ниту сакатиот, ниту болниот! Тој што Му се покорува на Аллах и на Пратеникот Негов, Тој во Џенетските градини низ кои реки течат ќе ги воведе, а тој што грбот ќе го сврти, со болна казна ќе го казни.
18. Аллах е задоволен со тие верници кои под дрвото ти се заколнаа на верност. Тој знаеше што е во срцата нивни, па спушти спокој врз нив, и ќе ги награди со блиска победа
20. Аллах ви ветува броен плен што ќе го земете, а со ова побрза и рацете на луѓето од вас ги задржа – за тоа да биде знак за верниците и за да ве упати на Правиот пат –
24. Тој ги задржа рацете нивни од вас и вашите од нив среде Мека, и тоа откако ви пружи можност да ги победите, а Аллах добро го гледа тоа што го правите.
25. Тие се тие што не веруваат и ви забрануваат да пристапите во Светиот Храм, и курбаните кои ги водите со себе до местата свои да стигнат. И да немаше мажи верници и жени вернички, кои вие не ги познавате, па не знаејќи, да ги убиевте, и поради тоа срам да не би доживеале – Ние би ви ги препуштиле. А не ги препуштивме за Аллах во милоста Своја да го воведе тој што сака. А тие да беа одвоени, навистина со тешка казна ќе ги казневме тие меѓу нив што не веруваа.
26. Кога неверниците ги полнеа своите срца со жар, со паганска жар, Аллах ја спушти смиреноста Своја на Пратеникот Свој и на верниците, и ги обврза на Зборот на богобојазливоста – а тие и се најзаслужни и најдостојни за тоа – а Аллах знае сè.
27. Аллах ќе го оствари сонот на Пратеникот Свој дека сигурно ќе влезете безбедни во Светиот Храм – ако сака Аллах – некои со избричени глави а некои со потскратена коса, без страв. Тој го знаеше тоа што вие не го знаевте и затоа, пред тоа, неодамнешната победа ви ја даде.
29. Мухамед е Аллахов Пратеник, а неговите следбеници се строги кон неверниците, а сомилосни меѓу себе; ги гледаш како чинат руку и сеџда сакајќи ја Аллаховата награда и задоволство – на лицата имаат знаци, траги од паѓањето со лицето на тло. Така се опишани во Тевратот. А во Инџилот – тие се како растение кое никулецот свој го исфрла, па потоа го зацврстува, а тој се исправа на своето стебло, предизвикувајќи воодушевување кај сејачот – за Тој со верниците да ги разгневи неверниците. А на тие што веруваат и што прават добри дела, Аллах им ветува прошка и награда голема.