6. Има луѓе кои купуваат залуден говор, за, не знаејќи, од Аллаховиот пат да одвраќаат и за предмет на исмејување да го земаат. Нив ги чека срамно страдање.
7. Кога на некој од нив ајетите Наши му се кажуваат, тој вообразено главата ја врти, како да не ги чул, како да е глув – затоа навести му понижувачко страдање.
10. Небесата кои вие ги гледате без столбови ги создаде, а по Земјата планини неподвижни распореди за да не ве тресе, и по неа животни од сите видови распространи. Ние од небото спуштаме дожд и правиме од него да растат разновидни благородни растенија.
12. А Ние на Лукман[214] мудрост му даривме: „Биди Му благодарен на Аллах! Кој е благодарен, го прави тоа во своја корист, а кој е неблагодарен – па, Аллах навистина е Независен и за благодарност Достоен.“
13. Кога Лукман му рече на синот свој, советувајќи го: „О, синко мој, не сметај други за рамни на Аллах, ширкот (политеизмот) е, навистина, голема неправда.“
14. Ние му наредивме на човекот да им биде послушен на родителите свои. Мајката го носи, а нејзиното здравје трпи, и го дои во текот на две години. Биди Ми благодарен Мене и на родителите свои, кај Мене сите ќе се вратат.
15. А ако те наговараат Мене друг да Ми припишуваш за рамен, за кој ти ништо не знаеш, ти не слушај ги и кон нив, на овој свет, примерно однесувај се, а следи го патот на тој што искрено Ми се обраќа; потоа кај Мене ќе се вратите и Јас ќе ве известам за тоа што го правевте.
16. „О, синко мој, направеното добро и зло, тешко и колку зрно од синап, било да е во карпата или на небото или во земјата, Аллах на виделина ќе го изнесе, бидејќи Аллах ги знае најскриените нешта, Тој е Сезнајниот.
17. „О, синко мој, извршувај го намазот (молитвата) и барај да се прават добри дела, а од лошите одвраќај и стрпливо поднесувај го тоа што ќе те снајде – тоа навистина спаѓа во вистинските постапки.
20. Како не гледате дека Аллах ви овозможил да го користите сето тоа што постои на небесата и на Земјата и дека дарежливо ве опсипува со Својата благодат, и видливата и невидливата? А има луѓе кои расправаат за Аллах без никакво знаење, без никакво упатство и без Книгата што дава светлина.
21. А кога им се вели: „Следете го тоа што Аллах ви го објавува!“ – одговараат: „Не, ние го следиме тоа што сме го запомниле од предците наши.“ Зарем и тогаш кога шејтанот ги повикува на страдање во Огнот распламтен?!
23. А тој што не верува, па, нека не те загрижува неверувањето негово. Нам сите ќе ни се вратат и Ние ќе ги известиме за тоа што го правеле; На Аллах, навистина, Му се познати мислите сечии.
25. А да ги запрашаш: „Кој ги создаде небесата и Земјата?“ – сигурно ќе кажат: „Аллах!“ – а ти кажи: „Сета благодарност му припаѓа на Аллах!“ – само што мноштвото од нив не знае.
27. Да се сите стебла на Земјата пера, а морето мастило, со помош на уште седум мориња, не би завршиле Аллаховите зборови; Аллах е навистина Силен и Мудар.
29. Зарем не гледаш дека Аллах ја воведува ноќта во денот и го воведува денот во ноќта, и дека ги потчинил Сонцето и Месечината – секој се движи до одреден рок – и Аллах добро го знае тоа што го правите?
31. Зарем не гледаш дека бродовите со Аллаховата милост по морето пловат за да ви покаже некои од доказите Свои? Тоа се, навистина, поуки за сите стрпливи и благодарни.
32. А кога бран, како облак, ќе ги прекрие, Му се молат на Аллах искрено верата исповедајќи Му ја; а штом Тој до копно ги донесе, еден дел од нив умерено се држи. А доказите Наши само предавникот, неблагодарниот ги негира.
33. О, луѓе, плашете се од Господарот свој и стравувајте од Денот кога родителот на детето свое нема да може ни малку да му помогне, ниту пак детето ќе може на својот родител барем малку да му помогне! Аллаховата закана е вистинита, па никако нека не ве залажува животот на овој свет и шејтанот нека не ве заведе од Аллах.
34. Само Аллах знае кога Крајот на светот ќе настапи, само Тој го спушта дождот и само Тој знае што е во матките, а човекот не знае што ќе заработи утре и човекот не знае во која земја ќе умре; Аллах навистина сè знае и за сè е известен.